Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Учениците на здравствената струка во средното техничко училиште „Наце Буѓони“ со пригодна програма го одбележаа 12 Мај - Денот на сестринството.
Настанот се одржа на платото пред училиштето со присуство на бројни гости, здравствени работници, но и ученици во девето одделение кои би сакале да го продолжат школувањето на здравствената насока.
Присутните првин ги поздрави директорот Драган Јаневски.
„Посакувам добредојде на сите присутни, особено на колегите и нивните ученици од основните училишта во градот кои покажаа интерес за денешниот настан, но и условите во нашето училиште. За таа намена организиравме тематски, мини отворен ден за здравствената струка, за да деветоодделенци кои го посетија нашето училиште, ги видат нашите кабинети и простории каде што се едуцираат идните медицински сестри“, истакна во поздравниот говор Јаневски.
На манифестацијата беше изведен игроказ за актуелни, секојдневни проблеми со кои еден здравствен работник се соочува и во професионалниот и во приватниот живот, како и предрасудите на кои е изложен. Учениците на „Наце Буѓони“ изведоа и танцова и музичка точка, но беше демонстирано и пружање на прва помош од волонтери на Црвен крст.
Во Техничкото училиште од 2003 година се воведени паралелки на здравствена струка- медицинска сестра. Секоја година завршуваат околу 170 ученици и ова е едно од најбараните занимања.
Меѓународната недела на сестринството се одбележува од 5 до 12 мај. Целта е да се истакне значењето на оваа хумана професија.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk