Ученички од 11 „Октомври“ освоија прва и трета награда на Државен натпревар по пеење

27.05.2025 08:23 | Оливера Пешевска

Милица Миловановиќ и Елиф Ајдаровска, ученички во Основното училиште „11 Октомври“ од Куманово освоија прво и трето место на Државен натпревар по музичко, во категоријата вокална интерпретација, кој викендов се одржал во Свети Николе.

Ученички од 11 „Октомври“ освоија прва и трета награда на Државен натпревар по пеење

Двете на државниот натпревар стигнале со максимален број од 100 поени од квалификациониот регионален натпревар. 

„Среќни и задоволни сме од постигнатиот успех, не паметам дека до сега училиштето постигнало вакви резултати. Двете ученички се навистина талентирани, вљубени во музичкиот израз и вредно работеа и вежбаа за да се покажат во најдобро светло, и секако  да го презентираат училиштето“, посочува менторот, професор Игор Трајковски.

Милица Миловановиќ која освои прво место е ученичка во 7 одделение, а гласовите на жирито и симпатиите на присутните ги собрала со интерпретација на темата на Витни Хјустон, од филмот „Телохранител“ (My heart will go on). Паралелно со редовните часови,  посетува и настава во Музичкото училиште „Панче Пешев“ во Куманово. Менторот за неа вели дека не постои друга опција за понатамошно школување и насочување во животот, освен во музичката дејност.  

Елиф Ајдаровска е ученичка во 8 одделение, и таа освоила трето место со нумерата „Тажна љубов, среќна песна“. Таа се уште се премислува, не е сигурна за плановите за иднина, но има доволно време да одлучи и избере до уписите во средно, кои ја очекуваат следната година.

  Натпреварувањето го организирало Здружението на музички педагози на Македонија. 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk