Училиштата со поголема хигиена ќе се штитат од жолтица

25.08.2014 08:41 | KumanovoNews

Со зголемување на личната хигиена на вработените и учениците и редовно чистење на просториите, училиштата ќе се заштитат од жолтица.

Училиштата со поголема хигиена ќе се штитат од жолтица

Од училиштата тврдат дека досега не добиле препораки од надлежните институции, како да се заштитат од хепатит А, но самите ќе се ангажираат за да не дојде до ширење на жолтица како во Скопје и Штип. Освен редовната дезинфекција, која се прави пред почетокот на учебната година, училниците ќе се чистат со антибактериски средства, а на учениците ќе им сугерираат почесто да мијат раце.

 “Ќе се чистат просториите на голем одмор, ќе ставиме течен сапун за да учениците почесто мијат раце, посебно пред да јадат ужинка. Училниците редовно ќе се прскаат со средства за дезинфекција. Откако ќе почне учебната година ќе ги известиме учениците како да постапуваат“ - вели Мерилин Стојчевска, директорка на основното училиште „11 октомври“.

Од средното Земјоделско училиште „Киро Бурназ“ објаснуваат дека на 1 септември класните раководители ќе ги известат учениците дека треба да се подобри хигиената за да не дојде до појава на жолтица.

 “Никој не не задолжил, ние стандардно правиме дезинфекција на сите простории пред да почне учебната година. Освен што тоа го прави службата, сега ќе треба и ние да ја подобриме хигиената во училиштето за да не дојде до епидемија. Хигиената воопшто, а пред се важна е хигиената на раце“ - вели Весна Трајковска, директорка на “Киро Бурназ“.

Заразната жолтица е заболување кое што се пренесува по фекално-орален пат, односно вирусот од болно лице се исфрла преку фецес, најчесто со нечисти раце при внесување храна или вода. Затоа се препорачува миење на раце пред јадење и по одење во тоалет, да се бришат рацете со посебна крпа, да се мие овошје и зеленчук пред конзумација, да се одржува лична и општа хигиена.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk