Успешен хуманитарен базар на „Позитиво МС“ за помош на лицата со мултипла склероза

04.06.2024 11:54 | Оливера Пешевска

За прв пат во Куманово се одржа хуманитарна акција за помош на лица заболени од мултипла склероза (МС), на кој се собираа средства за помош на заболените и нивните семејства.

Успешен хуманитарен базар на „Позитиво МС“ за помош на лицата со мултипла склероза

Настанот го организираше новоформираното  Здружение на граѓани „Позитиво МС“ од Куманово, а на хуманитарниот базар се продаваше рачно изработен накит и украси.

„Собравме речиси доволно средства за плаќање на 10 третмани медицинска масажа на пет заболени лица од Куманово. Едно дијагностицирано лице веќе тргна на третманот, во физијатриска здравствена установа, а во скоро време ќе бидат уплатени и преостанатите 4 предвидени третмани. Во многу земји физиотерапијата и бањското лекување се на товар на здравствените фондови, но кај нас секоја година 60 новодијагностицирани се на листата на чекање“, објасни Маја Јовановска- Костовска, претседателка на здружението.

На настанот за болеста зборувале стручните лица: д-р Никола Пановски, Горан Петрушев- раководител на службата за функционална проценка на деца и млади, д-р Тања Георгиевска, психолог Силвана Стојковска и Миланчо Арсовски.  

Нема достапни податоци колку луѓе од Куманово ја имаат болеста, но на национално ниво секоја година се потврдува кај 90 до 120 луѓе. Загрижува фактот што и старосната граница на новозаболени е се пониска, најмладиот пациент за кој е направена функционална проценка има само 17 години.

Здружението „Позитиво МС“ од Куманово е формирано пред 6 месеци, со цел дека да помогне на што поголем број на заболени од градот. Во наредниот период планираат да започнат караван низ државата со исти хуманитарни настани, следниот е веќе договорен да се одржи во Велес, во соработка со Миланчо Арсовски и неговото „Меѓуопштинско здружение не лица со телесен инвалидитет на Општините Велес, Градско и Чашка- Мобилност Велес“.

 

 

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk