Успешна крводарителска акција на МАК-ДАМ, собрани 108 единици крв

05.02.2025 16:15 | KumanovoNews

 Риболовното друштво МАК-ДАМ денеска одржа успешна крводарителската акција во Центарот за култура во Куманово, при што се собрани 108 единици крв. 

Успешна крводарителска акција на МАК-ДАМ, собрани 108 единици крв

Акцијата е редовна и се одржува 11 години по ред на почетокот на годината. Друштвото по потреба организираат и вонредни акции во текот на летото.

За интересот на акцијата зборува податокот дека во првите три часа имаше дури 50 крводарувања.

„Нашата мисија е да се помогне и да спаси нечиј живо, да не се биде себичен. Никогаш не се знае кога на нас ќе ни затреба крв. Ние изградивме традиција,  покрај нашите членови да ни се приклучуваат и пријатели, роднини, наши поддржувачи, но и крводарители кои не ги знаме. Успеавме да се наметнеме со добра организација, не само во градот туку и во државата. Минатата година имавме рекорд од 146 крвни единици“, вели Марјан Вељановски, претседател на МАК-ДАМ, кој е редовен крводарител.

Успешноста на организаторите ја потврдува и доктор Ефтим Димитровски, специјалист трансфузиолог, раководител во Одделот за крводарување во Институт за трансфузиона медицина во Скопје, кој кажа дека одзивот е одличен и покрај тоа што сме во период на инфекции и грипови.

Тој ги повика граѓаните кои немаат здравствени проблеми, да се приклучат на големото семејство на крводарители. 

„Со тоа ќе ја покажат својата хуманост, и веруваме дека денеска ќе има и нови добровони дарители. Рибарите имаат висока совет на хуманост и МАК- ДАМ е една од малкуте организации, који што на таков начин и со таква бројка остваруваат крводарувања, тоа треба да е пример за останатите“, кажа д-р Димитровски.

Докторот вели дека во овој период од годината има доволни количини на крв во Институтот, и нема недостиг на ниту една крвна група.

Посебна карактеристика и убавина во традиционалните акциите на рибарите, е препознатливоста по учество на голем број  на девојки и жени, но и тоа дека за сите крводарители се подготвува рибја чорба. 

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk