Успешна крводарителска акција во Куманово

24.07.2018 14:19 | KumanovoNews

Над 65 единици крв се собраа до 15 часот, на крводарителската акција што денеска ја организираше општинската организација на СДСМ Куманово.

Успешна крводарителска акција во Куманово

Крв даруваа членови и симаптизери на партијата, но и граѓани кои се одзваа на повикот.

 „Бројот на очекувани крводарители е околу 100, така да верувам дека во попладневните часови одзивот ќе биде добар. Летниот период е по проблематичен во однос на количините на крв, но во овој момент има доволно крвни единици“, - изјави др. Дритон Биљаљи од Заводот за трансфузиона медицина во Куманово.

Претседателот на општинската организација Мартин Костовски, потсети дека акцијата се организира до 23. пат.

„На секоја крводарителска акција се собираат од 80 до 100 крвни единици, што само покажува дека нашите партиски другари ја покажуваат хуманоста на дело. Оваа година имавме и посебен повик за помош на наш сограѓанин каде се бараше крвната група А - негатив, па одзивот е уште поголем. По акцијата има организирано скромно дружење за сите крводарители“, - изјави Костовски.

Традиционално секоја година се избира и кум на акцијата, оваа година е  Драган Ангеловски-Црни, кој и самиот е крводарител.

 „Јас по вторпат сум кум, првпат бев во 2008 година. Среќен сум што имаме денеска добар одзив, што ќе се постигне целта и ќе имаме успешна крводарителска акција. И јас сум крводарител, досега имам давано 97 пати крв, се со цел да помогнам и да спасам човечки живот“, - изјави Ангеловски.

Следната крводарителска акција СДСМ ќе ја организира во март наредната година.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk