Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Опшината Старо Нагоричане и Оделот за трансфузиологија Куманово денеска организираше крводарителска акција на која беа соберени триесетина единици крв.
Ова е трета традиционална акција која локалната самоуправа ја организира по повод Денот на општината.
До сега се соберени триесетина крвни единици и акцијата ја сметаме за успешна, - изјави докторка Љиљана Славковска, трансфузиолог.
Во акцијата се вклучија вработени во локалната администрација, училиштата и жители од селата. Крв даруваше и градоначалникот на Старо Нагоричане Милован Стојковски.
Јас како градоначалникот по третпат се вклучувам во крводарителските акции, а инаку осум пати сум дарувал крв. Секцијата која ја формиравме е многу активна и тука се вклучени вработени во општината и училиштата, како жители кои редовно даруваат крв. Оваа е есенска акција, а организираме и на пролет на Кокино, - изјави градоначалникот Милован Стојковски.
Има голем одзив на крводарителската акција. Ова е трета акција и се надевам дека ќе биде традиционална, бидејќи секоја капка крв живот значи. Јас сум крводарител од 2007 година и до сега имам 19 пати дарувано крв, -изјави портпарол Давор Арсиќ.
Меѓу хуманите жители беше и шеесетипетгодишниот Спиро Милошевски од козјачкото село Драгоманце, кој е рекордер во крводарувањето. Тој досега дарувал крв 120 пати и поради возраста денешната акција е последна за него. Тој вели дека ќе му биде жал што повеќе нема да се дружи со екипите од трансфузиологија и крводарителите, но ќе гостува на прославите и празниците.
Ова е мое последно крводарување 120 пати и толку. За пет дена ќе наполнам 65 години и повеќе немам право да сум крводарител. Да имам можност би го правел додека сум жив. Ова е многу хумано да спасиш нечиј живот. Многу здраво се чувствувам по секое крводарување и затоа им препорачувам на младите да не се плашат да станат крводарители, - изјави Милошевски.
Од Општината најавуваат дека и во иднина ќе работат на промоција и омасовување на крводарителството во општината, со организирање на редовни и вонредни крводарителски акции.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk