Уште четири основни училишта ќе добијат енергетски ефикасни фасади

01.02.2023 14:04 | Ивана Алексовска

Четири основни училишта во Куманово во текот на годината ќе добијат енергетски ефикасна фасада. Средствата се одобрени од Министертсвото за образование и наскоро треба да започне работата на терен.

Уште четири основни училишта ќе добијат енергетски ефикасни фасади

„Ние аплицираме на претходниот повик на Министерството за образование и наука, за поставување на енергетско ефикасни фасади во четири училишта и веќе треба да започнат градежните работи. Се работи за основните училишта „Вук Караџиќ“, „Христијан Карпош“, „Толи Зордумис“ и „Браќа Рибар“ во селото Табановце“, вели Александар Јовановиќ, раководител во Секторот за образование во Општина Куманово.

 Од почетокот на учебната 2022/23 година делумно или целосно се реконструирани 10 основни и 3 средни училишта. Дел од реконструкцијата е завршена а останатото ќе се спроведува во второто полугодие. 

Во средните училишта „Перо Наков“, „Гоце Делчев“ и „Наце Буѓони“ поставени се фотоволтаици. Во „Вук Караџиќ“ извршена е замена на прозорци, во „Наим Фрашери“ е изградено мултифункционално игралиште, а во „Христијан Карпош“ заменети се прозорците и реконструиран е кровот. Со средства од МОН целосно е реконструирано и училиштето „11 Октомври“. Заменета е фасадата на истурениот објект на „Браќа Миладиновци“ кај Соколана, а заменет е и кровот во подрачните училишта во с. Речица и целосно се реконструирани во објектите во Љубодраг и Умин Дол. Во с. Биљановце завршен е кровот и фасадата, додека во Романовце и во Лопате подовите и тоалетите.

„Апелирам до учениците да не го уништуваат инвентарот, сепак, училиштето е втор дом за нив. Ние ќе продолжиме и понатаму да аплицираме на повиците на МОН и дополнително како Општина Куманово ќе обезбедиме средства за одржување и санација на училиштата“, додава Јовановиќ.

Во Општина Куманово има 21 основно и средно училиште и 47 училишни објекти. Дел се само централни, а има и повеќе подрачни училишта.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk