Уште една соседска иницијатива и успешна урбана приказна за соживот во „нашето маало“

09.10.2023 09:03 | Оливера Пешевска

Станарите од зградата 117 на улицата Моша Пијаде создале катче за соживот во „нивното маало“, покажувајќи со пример дека со заеднички сили може да се урбанизира заедничкиот простор и да се обезбеди место каде сите, и младите, и возрасните, ќе го поминуваат слободното време и ќе се релаксираат од секојдневните обврски.

Уште една соседска иницијатива и успешна урбана приказна за соживот во „нашето маало“

Нивната успешна урбана приказна ја реализирале за само 3-4 месеци и креирале свој простор за игри, дружење, седенки, што ја потенцира соседската солидарност и соживот.

„Зградата е новоградба со 52 стана, вселена е пред неполни 5 години, претежно се млади брачни парови со околу 40 мали дечиња. Така и почна се, сакавме да направиме нешто да се играат и занимаваат децата. Место каде ќе бидат безбедни, каде нема сообраќај и ќе имаат свое катче каде го минуваат слободното време’’, истакнуваат станарите.

Играчките и опремата за детското играчиште ги купиле од сопствени средства.  На лулашки, лизгалки, трамболина децата сега несметано си играат. Деновиве чекаат да пристигне и донација од приватен спонзор.

Но, на почетокот не им било лесно да се исчисти, израмни и подготви теренот. Работата започнала со багери, затоа што имало цел рид од шут, земја, откорнато зеленило кое го оставил инвеститорот. Само, како пример нафрлани се 100 тони тампон, кои самите го платиле.

„Во групата ќе напишеме ќе дојде тоа и тоа, потребни се толку средства да се соберат. Така, на недела-две се собираа по 200-300 денари од стан, а имаше и приватни фирми кои донираа по нешто. Имаме соберено 130 палети, со 65 од нив е заграден просторот, а од другите се направени двоседи за седење. Да не биде дека никој не ни помогнал,  од општината добивме 70 м2 бекатон плочки “, објаснува Слободан Стојановиќ, еден од ретките повозрасни станари.

Клупите од палети се изработени од еден од соседите, а планираат да ги префарбаат во различни бои. Следната цел им е да направат летниковец,  а со ЈП „Чистота и зеленило“ се преговара да се засадат дрвца со кои ќе се огради просторот, што понатаму тие самите ќе си ги одржуваат.

 Станарите велат дека не им недостасува работна сила и вешти раце. Сите после работа излегуваат и се завршува тоа што треба да се заврши. Тврдат дека секој труд треба да се цени, дури и најмалиот, и тоа толку повеќе кога се работи за колективно добро. Велат дека целосно се вложиле во „дворот“- некој финасиски, некој со работни вештини и знаење, некој со самото присуство. Имаат уште многу планови и идеи за остварување како заеднички прослави на детските родендени, големите празници, а можеби ќе земат и слава на зградата. Сметаат дека се пример не само за Куманово, туку за целата држава.

„По ковид кризата се гледа дека луѓето се желни за дружење, сакаат да седнат заедно. Преку ваквите седенки и дружби ние соседите се здруживме, се зближивме и поубаво се запознавме. Сега, секој на секого може да се обрати во било кое време, јас лично не сум видела дека на друго место има ваква дружба и солидарност“, вели една од станарките.

Паркот е на државно земјиште и мал дел на приватно лице, но добиле согласност за користење. Во деталниот урбанистички план на местото се проектирани паркови и зеленило, спортски терени, па сметаат дека нема да се загрози ова катче.

„Според планската документација на ова место зграда нема да се прави. Се распрашавме кога решивме да го уредуваме просторот и да вложиме средства, време и труд. И многу сме благодарни на сопственикот што ни даде зелено светло за користење на просторот“, потенцира Стојановиќ.

Сложните станари се надеваат дека иницијативата за уредување на партерниот дел ќе продолжи и во иднина, дополнително разубавува и дека долго време ќе се користи за игри, убави кафе - муабети и дружење.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk