Уште гори Липац во Горно Јачинце

05.08.2021 08:07 | Сузана Николиќ

Се уште не е изгаснат пожарот на м.в. Липац во селото Горно Јачинце, информираат од Противпожарната единица Куманово. Командирот Дејан Илиевски, вели дека пожарот е на непристапно место и до него нема пат, поради што не може да се дејствива со возило, туку исклучиво рачно.

Уште гори Липац во Горно Јачинце

„Местото е на височинка, над селата Јачинце, Довезенце, Бељаковце и Мургаш, а дополнителен проблем е што тој просторот е многу ушумен и тешко се пробиваме до него поради густата вегетација. Но, нашите пожарникари се на терен и се надевам дека наскоро пожарот ќе го ставиме под контрола“, изјави Илиевски.

Тој вели дека во моментот нема други активни пожари, откако ноќеска до 3 часот интервенирале и го ставиле под контрола пожарот во селата Мургаш и Довезенце. 

„Досега немаме јавувања од жителите дека некое од жариштата е повторно активирано, но тоа никогаш не се знае. И вчера неколку пожари беа изгаснати, па, пак, се разгореа. Ние остануваме на терен и ќе ја следиме состојбата“, вели Илиевски.
 

Во текот на вчерашниот ден пожарникарите интервенирале и во селата: Челопек, на гаснење на воени бараки и запалена викенд куќа, а во Опае и Градиште гаснеле сува трева.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk