Ваши писма: Агонија на мојата генерација

23.03.2015 07:42 | KumanovoNews

 Се прашувам дали само јас ја чувствувам агонијата на мојата генерација и со овој текст сакам да потсетам  на приказните на постарите сограѓани за секциите и клубовите кои имале можност да ги посетуваат во "нивно време"

Ваши писма: Агонија на мојата генерација

Верувам дека на сите им е познато онаа чувство и потреба да се направи нешто, да се докажеш, да создадеш. Верувам дека сите ја почувствувале онаа младешка енергија која создава чувството дека може да полета. Бескраен младешки ентузијазам е она што го чувствувам во моментот додека го пишувам текстот, и она што ме мотивира.

На Интернет, секојдневно дознаваме за тинејџери - иноватори, кои на млади години создале нешто, започнале некоја своја приказна и на толку млада возраст градат своја кариера, наспроти муабетите што ги слушаме од постарите генерации, дека ние младите не сме заинтересирани за ништо, дека постојано денгубиме на Фејсбук и така натаму.  Се прашувам дали само јас ја чувствувам агонијата во која се наоѓа мојата генерација.  Со овој текст, сакам да ги потсетам сите мои средновечни сограѓани, на приказните кои ни ги раскажувале за секциите и клубовите кои имале можност да ги посетуваат во "нивното време" (додека биле на наши години).

Пред некој ден, гледав интервју со една многу млада и успешна телевизиска личност, Жарко Димитриоски, кој е на телевизијата веќе цели 20 години, а започнал во детското драмско студио на МТВ. Ова ме асоцираше на Пионерскиот дом во Куманово, каде што порано се држеле многу секци, и од каде произлегле многу успешни ликовни уметници, поети, писатели, музичари, филмски работници и актери, помеѓу кои е и еден од најпознатите кумановци Тони Михајловски. Се запрашав, што е сега со сите овие работилници. Се присетив на сите амбиции кои се појавија кај мене додека растев, и со сигурност можам да тврдам дека да имав можност да ги продлабочам моите знаења, и ден денеска би се занимавал со една дејност, и можеби би бил многу успешен во тоа. Го гледам брат ми, кој на 12 годишна возраст е фанатик по електроника, и греота е неговот талент и амбиција туку така да се испушти од раце, и да не му се даде можност да го продлабочи и зацврсти своето интересирање. Се сеќавам дека на 11 - 12 годишна возраст и јас  бев како него, со часови гледав во една точка, надевајќи се дека ќе дојдам до некое откритие, и дека ќе се прославам со создавање на нова генерација компјутери. Меѓутоа јас ја немав можноста да ги посетувам часовите на радио -  аматер во Народна техника, како што имала генерацијата на татко ми. Којзнае, да ја имав таа можност, можеби за неколку години ќе му станев прв конкурент на Бил Гејтс. Со текот на времето, јас пројавував различни интересирања, од спортско пилотирање до театар и кинематографија, меѓутоа никаде немаше отворени врати за млади ентузијасти. Нам ни останува, својата професија да ја избереме при упис во средно училиште или подоцна на факултет. Но кој знае, колку потенцијал се крие во никулецот, на детската љубопитност. И колку малку луѓе на светот дознаваат за што навистина имаат талент.

Неодамна, Владата на Република Македонија, најави дека секој студент, кој потекнува од семејство со месечни примања момали од просечните ќе добие бесплатен таблет компјутер. Но јас се прашувам што му е повеќе потребно на младото македонско општество, таблетите за лична употреба или овие веќе заборавени институции.

Никола Крстевски,  ученик во трета година во гимназијата „Гоце Делчев„

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk