Вечерва во 22.48 часот во Куманово и на северната хемисфера календарски ќе пристигне зимата

21.12.2022 21:03 | KumanovoNews

Вечерва, на 21 декември, среда, на 355-иот ден во годината според грегоријанскиот календар, во Македонија, во Куманово и на целата северна хемисфера, календарски ќе започне зимата, додека на јужната ќе настапи летото. До крајот на оваа 2022 година остануваат уште само 10 дена.

Вечерва во 22.48 часот во Куманово и на северната хемисфера календарски ќе пристигне зимата

Зимата на северната хемисфера вечерва официјално ќе пристигне во 22 часот и 48 минути по средноевропско време и ќе трае до 20 март 2023 година до 22 часот и 24 минути, кога кај нас ќе започне пролетта. Должината на зимата ќе трае 89 дена, 21 часа и 12 минути.  

Секоја година, планетата Земја движејќи се на својот пат околу Сонцето ќе се најде и ќе помине во две точки кои се нарекуваат солстициум. Постојат два солстициума. Едниот е во месецот декември (зимски),  а другиот во јуни (летен) и ги означуваат почетоците на годишните времиња зима и лето. На овој датум (21 декември), денешниот зимски солстициум, кога кај нас започнува годишното време зима, го означува најкраткиот ден северно од екваторот, а најдолг ден јужно од нултиот напоредник. Овој ефект е најголем на локации кои се оддалечени од екваторот. Во тропските предели најкраток ден е нешто помалку од 12 часа, во умерените појаси е значително пократок, а местата во Арктичкиот круг доживуваат поларна ноќ, кога Сонцето воопшто не изгрева.  Спротивно на тоа, ноќта кај нас е најдолга. На 21 декември пладневното Сонце е на својата најниска позиција на хоризонтот и ќе започнува да се искачува до наредниот 21 јуни, кога на северната хемисфера тогаш ќе настапи летото.

Утрово, Сонцето во Куманово изгреа во 06 часот и 58 минути, а зајде во 16 часот и 04 минути. Денот траеше 09 часа и 06 минути, додека ноќта 14 часа и 54 минути.

Веќе од утре, денот ќе започне да се зголемува континуирано за во просек по две-три минути на ден, а на сметка на тоа, ноќите да се скратуваат – сé до 21 јуни наредната година.  

Растојанието на Земјата од Сонцето на денешен ден изнесува околу 147, 176 милиони км.

И пред крај уште нешто интересно да напоменеме за нашиот град Куманово во врска со зимата – апсолутна минимална температура во нашиот град е измерена на 27.01.1954 година, кога тогаш е измерен апсолутен минимум од -24 0C.

Што се однесува до снежната покривка, на 2 февруари 1962 година во Куманово се измерени 70 cm снежна покривка, додека пак најдолго непрекинато траење на снежна покривка во Куманово траело 77 дена ( од 21 декември 1953 – до 7 март 1954 година).

И за крај, да споделиме некои убави и интересни цитати за зимата.

-„Зимата е како жена – има добри и лоши страни. Можете да ги видите  нејзините      добри страни и да ги почувствувате нејзините лоши страни. " Ѓорѓе Балашевиќ

  • „Ноќите беа долги, како плетенките на убава девојка, а деновите кратки, како смислата за хумор на таа девојка“. - Евгениј Замјатин
  • „Добрината е како снег - разубавува сè што покрива“. Калил Џибран
  • „Еден убав збор може да загрее три зимски месеци“. Јапонска поговорка
  • „Ниту една зима не трае вечно; ниту една пролет не го прескокнува својот ред.’’ Хал Борланд
  • ,,Среде зима открив дека во мене има непобедливо лето.’’ Албер Ками
  • „Пролетта, летото и есента не исполнуваат со надеж. Зимата не потсетува дека требаше да се погрижиме за нашата кондиција“. Мињон Меклафлин

 

Извор:

https://www.timeanddate.com/

А. Лазаревски – Клима на Македонија, Скопје, 1993.

Извор на фотографија: mia.mk

Филип Ѓошевски – дипломиран географ на Институт за географија - ПМФ

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk