Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Претставата „Смрт на погребот“, во режија на Ненад Витанов, вечерва ќе го отвори Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија 2026“ во Куманово.
Фестивалот се одржува по 29. пат и ќе трае до 5 октомври. Публиката ќе има можност да види 11 претстави од домашни и странски театри.
„За првпат фестивалот ќе го отвори Кумановскиот театар со премиерата „Смрт на погребот“, а ќе го затвори нашата претстава „Не можам да платам, не сакам да платам“. Оваа година ќе се натпреваруваат 10 претстави. Ќе имаме гости од Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија, како и домашните театри – Театар Комедија, Драмскиот театар, Албанскиот театар, Штипскиот и Битолскиот театар“, вели директорката на Центарот за култура, Јоана Серафимовска.
На програмата се и претставите: „39 степеника“ на Народното позориште од Источно Сараево, „Болва во уво“ на Драмскиот театар од Скопје, „Покондирена тиква“ на Народното позориште од Приштина, „Кљукана династија“ на Народното позориште од Ниш, „Кревет за двајца“ на Сатиричниот театар од Софија, „Сладолед за жени“ на Штипскиот театар, „Првиот господин“ на Албанскиот театар од Скопје, „Аматери“ на Театар Комедија, и „Секстет“ на Битолскиот театар.
Сите претстави ќе се играат на големата сцена на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, со почеток во 20 часот.
И оваа година на затворањето на фестивалот ќе бидат доделени наградите за најдобар актер, актерка, претстава, режија, сценографија и костимографија, како и награда за најмлад актер.
Признанието „Васил Иљоски“ за особен придонес во театарската уметност годинава ќе му биде доделено на Игор Џамбазов, истакнат актер, писател, музичар и еден од најпрепознатливите уметници на македонската сцена.
„Неговата исклучителна актерска дарба, неповторливиот хумор и повеќедеценискиот придонес во театарската и културната уметност оставија неизбришлива трага кај публиката и заслужено го вбројуваат меѓу најголемите имиња на македонската комедија“, беше соопштено од фестивалот.
Свеченото врачување на признанието ќе биде на отворањето на Денови на комедија.
Фестивалот оваа година е поддржан од Министерството за култура и туризам со 800.000 денари и Општина Куманово со 400.000 денари, како и од повеќе спонзори.
Традиционалниот фестивал „Денови на комедија“ во Куманово годинава се одржува по 29-ти пат. Станува збор за најпосетената културна манифестација во градот, за која секоја година се бара место повеќе.
2008 - 2026 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk