Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во духот на Велигден и зачувување на традицијата, под мотото „Велигден – ист, на различен начин“, денеска во Занаетчискиот дом во Куманово се одржа манифестација посветена на празникот, кој носи пораки за љубов, надеж и нови почетоци.
На настанот, посебно внимание привлече натпреварот за најцврсто јајце, на кој победи Лина Дебарлиева, ученичка во Центар за странски јазици Албион од Куманово.
Во категоријата за најубаво декорирано велигденско јајце, првото место го освои Емина Атанасовска, второто Нела Апостоловска, двете ученички на смерот за графички дизајн во СОУ „Перо Наков“, а третото место ѝ припадна на Мелани Максимовска од Гимназијата „Гоце Делчев“.
На литературниот конкурс беа доделени награди за најдобри творби: првонаградената творба беше на Мила Денчиќ, второто место ѝ припадна на Миа Јовановска, третото место го поделија Моника Мишевска и Милан Цаневски.
„Се трудиме да ги зачуваме и негуваме нашите обичаи, културата и духовната поврзаност како мост меѓу генерациите. Велигден не потсетува на вредности кои ни се потребни повеќе од било кога – надеж, љубов, простување и нов почеток. Овие вредности сакаме да ги пренесеме на децата и да покажеме дека традицијата живее кога ја живееме заедно“, истакна Благица Цветковиќ, претседателка на Здружнеие „Живот“.
Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на Советот се осврна на развојот на манифестацијата низ годините, посочувајќи дека од скромен почеток денеска се организира значајна и содржајна прослава.
„Ова е еден од ретките христијански празници кои треба со луѓе да се слави. Преубави декорации видов денеска, ќе слушнеме и победнички песни од наградниот конкурс. Секоја стимулација на локалните здруженија, кои го слават христијанскиот празник за мене е плус и во запознавањето на нашата вера, и во почитувањето на традицијата. Тоа е единствено важно да се сочуваме како македонски народ, за да бидеме уште поцврсти и да си ги зајакнеме коренит“, нагласи Ѓорѓиевска.
Настанот заврши со музички и поетски изведби од младите учесници, ученици на училиштето за странски јазици оставајќи силна порака дека кога традицијата се негува со љубов – таа продолжува да живее.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk