Велосипедот е најевтино превозно средство, но треба одговорно да се вози, потсетува РСБСП

08.06.2022 11:08 | KumanovoNews

Растот на цените на енергенсите, зголемената фреквентност на сообраќајот, убавото време, но и здравиот начин на живот, се едни од клучните причини зошто треба да се избере велосипед како превозно срество, посочуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Велосипедот е најевтино превозно средство, но треба одговорно да се вози, потсетува РСБСП

Истражувањата покажале дека на растојание до 5 километри, во урбана средина, велосипедот е доминантно превозно средство во однос на автомобилот, од аспект на побрзо и побезбедно пристигнување на посакуваната дестинација и од аспект на полесно паркирање. Паркингот за велосипеди е секогаш достапен, бесплатен и одзема многу помалку простор. 

„Со користењето на велосипедот како сообраќајно превозно средство се заштедуваат финансиски средства кои би се давале за гориво. Исто така, купувањето велосипед е далеку поевтина опција отколку купувањето автомобил. Велосипедистите се рамноправни учесници во сообраќајот и треба да се почитуваат како и останатите моторизирани и немоторизирани учесници во сообраќајот. Бидете внимателни возачи и внимавајте на велосипедистите во сообраќајот. Но, и велосипедистите исто така се должни да внимаваат на останатите учесници во сообраќајот“, порачуваат од РСБСП.

РСБСП советува велосипедистите да бидат внимателни и да го почитуваат следното:

•  да се движат што поблиску до десниот раб на коловозот, а ако постои велосипедска патека - по велосипедската патека, односно лента;

•  пешачките премини да ги поминуваат низ пропишаната црвена патна лента лоцирана непосредно до сообраќајната зебра, а доколку нема таква патека, пешачкиот премин да го преминат симнати од велосипедот;

•  ако на патот постои посебно уредена велосипедска патека, да се движат по десната велосипедска патека во однос на правецот на движењето на сообраќајот;

•  на велосипедски патеки кои се уредени и обележани за сообраќај на велосипеди во двете насоки, велосипедистите треба да се движат по десната страна во правецот на движењето;

•  брзината за велосипеди кога се движат по велосипедска патека или лента е ограничена на 25 km/h.

„Мобилноста на велосипедот, брзото и практично движење, како и исплатливоста, го зголемува бројот на велосипедисти во сообраќајот. Но, секоја година десетина велосипедисти го губат животот во сообраќајни незгоди. Затоа бидете одговорни велосипедисти и почитувајте ги сообраќајните правила и прописи“, апелира Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и на патиштата.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk