Верниците во црквите палат свеќи за здравје

04.05.2013 09:53 | KumanovoNews

 Голем број верници утрово ја посетија црквата Свети Никола, каде пруствуваа на литургија и запалија свеќи за здравје и среќа.

Верниците во црквите палат свеќи за здравје

Верник сум, постам 49 дена и верувам во Господ. Вечер ќе се причестам. И наредните  денови ќе дојдам да запалам свеќа и да оставам велигденско јајце - вели Драган Стефановски од Куманово.

Верниците објаснуваат дека по секоја посета на верски храм чувствуваат мир и спокој, а Велигден за нив е еден од најголемите христијански празници.

 Се чувствувам полесно и послободно. Има некоја натприродна сила. Редовно доаѓам во црква без разлика дали е празник или не. Дури утре ќе имаме мрсна трпеза. Секоја година постам и постот е многу добар за организмот. Практикуваме адет да се миеме со здравец и црвено јајце, за да бидеме здрави. Јас сум постар човек и тие обичаи ги практикувавме од деца - рече Благоја Арсовски.

Утре на ручек се собира целото семејство. Помладите обично одат на гости кај постарите.

 Одиме на гости кај најблиските или кај чичко ми, тетка ми. Има мрсни јадења. Јас постам седум недели и постот апсолутно е добар за здравјето. На прв ден од Велигден пак ќе дојдеме да запалиме свеќа - изјави Иван Атанасовски.

Во домовите на православните верници се прават последните подготовки пред вечерашното прославување на Велигден.

Денешниот ден, Велика Сабота, според христијанското учење е ден на свештен трепет пред Христовото воскресение, кое точно на полноќ ќе го означат биењето на камбаните и радосниот восклик „Христос воскресе“.

Вечерва се оди во црква каде што секој носи црвено јајце. На полноќ сите присутни со песната „Христос воскресе” трипати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршат со јајцата и се омрсуваат.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk