„Весела станица“ најново дело на проектот „На патот“ за поубав регион

19.11.2019 11:04 | KumanovoNews

„ЛАГ АБЕР 2015“ продолжи со имплементирањето на проектот „На патот“, финансиран од Швајцарската амбасада.

„Весела станица“ најново дело на проектот „На патот“ за поубав регион

Новото дело е поставено во Општина Старо Нагоричане, на крстопатот помеѓу магистралниот пат кон Бугарија и патот кон граничниот премин Св. Прохор Пчињски.

Работено е врз руинираната автобуска постројка на местото Св. Петка, кое е едно од првите контактни места на туристите кои патуваат кон Кокино и црквата св. Ѓорѓи.

„Руинирана и стара, автобуската постројка долго време го нагрдуваше околниот пејсаж и со ништо не ги мамеше туристите да претпостават какви убавини и споменици крие овој крај. Токму затоа ние ја одбравме како место на кое што проектот ќе дејствува. Академскиот сликар Дејвид Стоилковски – Дејс се потруди врз неа да го остави својот уметнички печат, претварајќи ја грдата постројка во уметничко дело насловено „Весела станица“, кое сега претставува портал кон културното наследство и скриените уметнички вредности на нагоричкиот крај“, - вели Дејан Ѓорѓиевски, директор на проектот „На патот“.

Тој се надева дека нивната интервенција ќе ги поттикне  и други чинители да воочат дека со минимални средства и време може да се продуцираат значајни и ефектни продукти, кои ќе ја хранат човековата потреба од естетика, за која што најчесто не сме ни свесни дека ја имаме.

„ЛАГ АБЕР 2015“ е отворена за соработка со сите уметници, кои што веруваат дека вреди да се вложува во поддршка за уметноста.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk