Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Не е прифатено барањето на Советот на Општина Куманово за отпишување на долгот на ЈП „Водовод“ кон Водостопанство „Кумановско - липковско поле“, кое беше доставено до Владата.
Од Општина Куманово соопштуваат дека во одговорот од Владата нема образложение зошто тоа е одбиено.
„Владата на Република Северна Македонија на седница одржана на 13 септември 2022 година го разгледа и го одби Барањето на Советот на Општина Куманово за отпис на долгот на ЈП „Водовод“ Куманово под бр. 09-7046/1 од 02.09.2022“, стои во документот што го објави Општината.
Советот на Општина Куманово на почетокот на месецот поднесе барање до Владата да донесе одлука за обезбедување на финансиски средства на АД „Водостопанство“ во државна сопственост за отпишување на долг од 151 милион денари (2,5 милиони евра) на ЈП „Водовод“ – Куманово, по примерот на донесената Одлука на Владата од 21.12.2021 година за отпис на долг на ЈПКД „Комуналец“ – Струмица во износ од 84 милиони денари и долг на ЈПКР „Услуга“ – Берово во износ од 6 милиони денари.
Зад барање застанаа сите советници: Наше Куманово, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците, ГРОМ, Алтренатива и Левица.
ЈП „Водовод“ кое купува сирова вода од АД „Водостопанство“ се соочува со долгови стари десетина години, бидејќи во времето кога на централна власт беше ВМРО-ДПМНЕ, а на локална СДСМ, двете претпријатија не можеа да се договорат околу цена на водата. Тогаш Водостопанство „Кумановско - липковско поле “ фактурираше по цена која нему му одговара, а „Водовод“ тврдеше дека таа е нереална и превисока. Од 2019 година, кога цената на водата ја дефинира Регулаторната комисија, нема проблеми во подмирување на обврските меѓу двете претпријатијата.
ЈП „Водовод“ во моментот се соочува и со сериозни финансиски проблеми поради високите сметки за струја.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk