ВМРО-ДПМНЕ бара инцидентот со знамето да не се злоупотребува во политички цели

01.04.2017 11:54 | KumanovoNews

Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција најостро го осудија вчерашниот инцидент кога неколку лица, дрско и без почит, го симнаа македонскот знаме во центарот на Куманово и поставија знаме на друга држава.

ВМРО-ДПМНЕ бара инцидентот со знамето да не се злоупотребува во политички цели

„Овој антидржавен чин претставува длабоко кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија на територијата на општина Куманово. Вчера беше погазено достоинството на граѓаните, беа длабоко повредени чувставата на сите кои ја доживуваат Република Македонија како своја татковина.Ваквото неодговорно однесување кое има за цел понижување на народот, директно задира во соживотот и во напорите за градење на мултикултурно општество, каде сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци и останатите, ќе живејат во хармонија, поткрепена со взаемно разбирање и почитување, - изјави  Драган Петковски, претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

 Тој се надева дека ваквиот инциден се случува за прв и последен пат во Куманово и ги повика градоначалникот Зоран Дамјановски и СДСМ да не го злоупотребуваат за политички цели.

„Го повикуваме градоначалникот и општинската организација на СДС да не го злоупотребува овој немил настан, за да поентира, со тоа што инцидентот ќе го поврзе со ВМРО-ДПМНЕ и конечно да заземе граѓански пристап, а не потајно да фаворизира проекти за суштинска и симболична етнизација на градот, која беше незамислива до пред тој да стане градоначалник. Безбедноста, сигурноста и заедничкиот живот се многу поважни од тесноградите интереси на градоначалникот и СДС, кои ги реализираат на најбрутален начин преку манипулација со граѓаните, промовирајќи антимакедонски платформи и претставувајќи се себеси за миротворци, а останатите посебно ВМРО-ДПМНЕ за проблем во општеството, - додаде Петковски.

Воедно побара од Советот на општината на наредната седница да го осуди овој вандалски инцидент.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk