ВМРО-ДПМНЕ:Куманово тоне во ѓубре

18.05.2016 11:34 | KumanovoNews

 Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија локалната власт дека градот живее како во среден век, без улично осветлување и затрпано во смет.

ВМРО-ДПМНЕ:Куманово тоне во ѓубре

„Куманово е еден од најнечистите градови и тоне во ѓубре. Низ улиците може да се забележат депонии, кои со недели и месеци не се третираат од страна на ЈП “Чистота и зеленило„ и кои преставуваат лоша слика за градот, но и потенцијален извор на многу заразни болести.  Причините за оваа непријатна слика се: нередовното собирање на ѓубрето и недостиг на контејнери и канти за ѓубре, - изјави Ивана Јакимовска, советник на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Куманово.

Таа го запраша градоначалникот дали поради лошата финансиска состојба на претпријатието доцнат платите на вработените, па полните контејнери се одраз на нивниот револт или пак поради “шарената револуција” градот е оставен во шаренило на смет.

„Не треба да одите далеку за да ја видите реалната слика за чистотата во Куманово, започнете со централното градско подрачје, прошетајте до градскиот пазар, или отидете пак на Менкова Колиба, каде што наместо чист воздух ќе ве пречека лоша миризба и купишта смет. Куманово е на работ на еколошка катастрофа. Наместо да се фалите со Вашите спроведени акции, планови и проекти, засукајте ги ракавите и исчистете го градот,- побара Јакимовска.

Јакимовска го потсети градоначалникот за предизборното ветување за зелено и чисто Куманово и здрава животна средина, па затоа побара надлежните инспекциски служби да ја завршат работата на терен.

„Ве потсетуваме дека вашата администрација, како најголем виновник за урбанистичкиот и сообраќајниот хаос, требаше и треба да биде поригорозна во спроведувањето на прописите од областа на комуналната дејност и заштитата на животната средина. Доволен пример е централното градско подрачје во коешто покрај небезбедното градење, се почесто се случува несовесните инвеститори и изведувачи да формираат мини-депонии од градежен отпад и да поминат неказнето“, - додаде Јакимовска.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk