ВМРО-ДПМНЕ треба да му плати 1 денар за клевета и навредa на Димитриевски

22.04.2021 20:16 | KumanovoNews

ВМРО-ДПМНЕ треба да му плати отштета од еден денар на градоначалник на Куманово Максим Димитриевски, за повреда на честа и угледот, одлучи Основниот суд во Куманово.

ВМРО-ДПМНЕ треба да му плати 1 денар за клевета и навредa на Димитриевски

Димитриевски го тужеше ВМРО-ДПМНЕ за клевета и навреда, за инцидент пред 4 години на семејна прослава во еден кумановски ресторан, по што партијата на прес конференција го обвини градоначалникот дека го предизвикал инцидентот.

За ваквите обвинувања Димитриевски поднесе тужба и бараше симболичнен 1 денар и јавно извинување.

Во пресудата, која денеска Димитриевски ја објави на Фејзбук, стои дека се утврдува граѓанска одговорност на тужените ВМРО-ДПМНЕ и Д.П. за навреда и клевета спрема тужителот, па се задолжуваат тужените солидарно да му исплатат на име на надомест на штета за повреда на честа и угледот паричен надомест во висина од 1 денар, како и тужените солидарно да ги надоместат на тужителот трошоците на постапката. Истовремено се задолжуваат тужените на свој трошок, пресудата по нејзината правосилност да ја објават на прес-конференција во рок од 15 дена.

 Апелациониот суд ја потврдил пресудата на Кумановскиот суд, по што Димитриевски денеска на прес-конференција јавно побара од ВМРО–ДПМНЕ да ја плати оштетата и да се извини.

„Очекувам да покажете колку ги почитувате судските одлуки и законот, кога некого ќе навредите домашно воспитување е да се извините. Износот е симболичен бидејќи не ми се потребни нивните пари, образот е тоа што е важно. Правдата е бавна, можеби доцни, но секогаш стига“, вели Димитриевски.

Тој побара извинување од ВМРО–ДПМНЕ и нивниот претседател и за последните обвинувања на прес конференцијата во однос на нереализирани проекти, а доколку тоа не се случи повторно се закани дека ќе тужи.

(С.Н.)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk