Внимателно на жештините, препорачуваат лекарите

25.06.2017 07:29 | KumanovoNews

Поради екстремно високите температури, кои ќе се задржат до крајот на месецов, лекарите препорачуваат граѓаните да бидат претпазливи и да внимаваат при престој на отворено.

Внимателно на жештините, препорачуваат лекарите

Граѓаните да не излегуваат надвор без причина во периодот од 10 до 17 часот и во тој период да останат во затворени простории, пред се климатизирани, а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.

Се препорачува да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа. При сончање да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Поради високите темепратури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба. Термичка подготовка на храната и нејзино конзумирање во многу кус рок по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употребата да се загрее на + 100 степени.

Граѓаните да избегнуваат производи кои термички не се обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk