Во Куманово неколку училишта без греење

01.02.2017 16:22 | KumanovoNews

Четири од осумте училишта во градот, кои се затоплуваат на нафта, денеска останаа без греење.

Во Куманово неколку училишта без греење

Во основните училишта „Христијан Карпош“, „Бајрам Шабани“, „Вук Караџиќ“ и “Наим Фрашери„ наставата беше прекината по неколку часa во двете смени, поради студените училници.

„ Ние денеска прв ден во второто полугодие немаме греење, поради тоа што не ни е испорачана нафта. Не знаеме што е проблемот, но поради студот ги пуштивме децата дома после четвртиот час, нема услови да седaт бидејќи многу е ладно, - вели еден од професорите во „Бајрам Шабани„.

Родителите и професорите ги обвинуваат надлежните дека не си ја завршила работата како што треба и дозволиле училиштата да останат без греење.

Од општина Куманово признаваат дека посочените училишта денеска не се затоплуваат, но тврдат дека прават големи напори да го решат проблемот.

„Во текот на денот е доставена одредена количина на нафта и училиштата од утре ќе добијат греење. Проблемот настана, поради тоа што заврши договорот со старата фирма, а потребно е време и жалбен рок за да отпочне соработката со новата фирма што ја избравме на тендер. До наредната среда ќе набавуваме нафта како знаеме, а потоа набавката целосно ќе се нормализира, - изјави Жика Крстевски, раководител во Секторот за образование.

Крстевски се правда дека останале без нафта затоа што ги зафркнал стариот доставувач, кој не им ги испорачал нарачаните количини и затоа останале без нафта во периодот меѓу два тендери за избор на фирма која ќе набавува нафта за училиштата .

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk