Вo Куманово одбележaн Меѓународниот ден на Ромите

09.04.2025 16:08 | Оливера Пешевска

Во Занаетчискиот дом во Куманово со пригодна програма денеска се одбележа 8 Април- Меѓународен ден на Ромите. 

Вo Куманово одбележaн Меѓународниот ден на Ромите

Организатор е невладиниот Центар за ромска заедница ДРОМ, а на свеченоста присуствуваа претставници на општинската администрација, советници, членови на невладини здруженија и организации, ученици од основни и средни училишта, како и граѓани.

„Ромите пружија рака кон Општина Куманово, но и општината знае да се грижи за ромското население и имаат можност за делување и заемна почит. Повеќе не сакам да зборуваме за дискриминација на било која етничка заедница од Мкаедонија, повеќе сакам да зборувам за квалитет на живеење, за квалитет на луѓето кои се поставени и за квалитет на иднината која ја пружаме на нашите млади генерации“, истакна Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на советот.

Ромите се најбројното етничко малцинство во Европа, моментално живеат 10 до 15 милиони, најмногу во Романија, Бугарија и Унгарија, додека најмалку ги има во Хрватска и Полска. Сепак секаде се соочуваат со предизвици: стереотипи, дискриминација и социјална изолација.

„Ова прилика е можност сите да размислуваме за начини на кои можеме да ја подобриме вклученоста и рамноправноста на ромската заедница во образование, вработување, домување, култура и здравствена заштита кои треба да бидат достапни за сите, независно од нивниот етнички и културен идентитет“, потенцираше Ахмет Јашаревски, советник во општинскиот Локален економски развој.

Раководителот во Секторот за образованието Александра Јовановиќ, ги повтори проблемите поради кои Ромите остануваат надвор од воспитно- образовниот процес. Тој нагласи дека е поразително што само 8 до 10 деца- Роми завршуваат основно училиште од повеќе од 60 запишани. Учениците не се во континуитет присутни, како нивните соученици, а со тоа се губат и навиките, а често и нема кој да му помогне во изработка на домашните задачи. Тој ги исклучи економските фактори, како причина, но ја спомна сезонската миграција како начин да се излезе од едукацијата.

Неколку ученици од ромаска националност, на мајчин јазик рецитираа свои песни пред гостите.  

На крајот беше прикажан документарен филм „Небо, точак, земја“, создаден од Зоран Димов и Мухарем Рамуш- Цирко, а во режија на Коста Марковски.

Настанот финансиски е поддржан од Општина Куманово со 40.000 денари.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk