Во Куманово пријавени 115 случаи на семејно насилство

09.12.2016 23:41 | KumanovoNews

Во Куманово лани се евидентирани 115 случаи на семејно насилство. Од нив во 95 проценти жртви се жените, потоа следуваат децата и во незначителен број мажите.

Во Куманово пријавени 115 случаи на семејно насилство

„ Оваа бројка е пријавена кај нас, но таа не е иста во останатите институции затоа што жртвите се предомислуваат и ги повлекуваат пријавите во обвинителството или судот. Меѓу овие пријавени има и повратници, кои делото го повториле по неколку пати, но нив ги заведуваме само еднаш, - рече Дане Трајковски, виш инспектор за семејно насилство во СВР Куманово.

Тој посочи дека семејното насилство е во пораст, бидејќи предходната година имало помалку од 100 пријави. Најголем број од жените кои се осмелуваат да го пријават насилството се на возраст над 40 години.

Трибина насловена „Причините, последиците и преземените мерки за насилство врз жената во кумановскиот регион”, ја организираше Центарот за рурален развој „Бујрум“ од Куманово во соработка со УНДП, по повод Неделата против насилство врз жените“, која се одбележува од 25-ти ноември до 10 декември.

„За таа цел и ја организираме оваа трибина да се запознае кумановската јавност со ситуцијата во Куманово кога станува збор за семејно насилство, поконкретно за насилство врз жените,- изјави Александра Тасиќ од организацијата „Бујрум“.

Виолета Петровска од невладината организација Кумановка, истакна дека секоја трета жена во Куманово е жртва на некој вид насилство. Најзастапено е економското насилство, физичкото и психичкото, а најнепрепознаено е сексуалното насилство.

Жртвите на семејно насилство од Куманово се сместуваат во шелтер центрите во Кочани и Скопје, бидејќи Куманово нема таков простор.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk