Во Куманово се прави зимница по рецепти стари 150 години

12.10.2016 08:51 | KumanovoNews

   Во добро и во лошо, во војна и за слава, кумановските семејства имале богата традиција на подготовка на зимница по традиционалните рецепти.

Во Куманово се прави зимница по рецепти стари 150 години

Секоја есен, главна задача на домаќинките била да приготват и складираат храна за цела зима. Нашите баби биле многу умешни домаќинки и знаеле да го земат најдоброто од природата и да искористат се што се родило во бавчите. Се грижеле за здравјето на многучлените семејства, па во зимницата што ја подготвувале, не ставале зејтин туку само вода и винска киселина, без адитиви и конзерванси. Правеле пиперки со урда, пинџур, салати од црвен и модар патлиџан, жива туршија, полнети бабури со зелка и морков, кисела зелка и расол на традиционален начин. Традицијата се пренесувала од колено на колено, па дел од овие рецепти се приготвуваат и денеска.

  „Јас се сеќавам како мајка ми ја правеше живата туршија. Ќе стави лути пиперки, зелени динчиња, краставички и зелени патлиџани. И туршијата ја засипуваше со вода од варена тиква, вински оцет, сол и бибер. Водата беше превриена, дестилирана и жолта, и пиперките кога ќе добиеја боја како алтан жолти, цврсти цела година, природни како тогаш од бавча да се скинати. Сега е подруго ако не ставиш конзерванс, ништо не стои, - вели Добрила Пановска, која повеќепати е прогласувана за вешта жена во Куманово и Македонија.

  Таа вели дека во екот на сезоната нашите домаќинки најмногу подготвуваат ајвар и пинџур, но и останатите специјалити од сезонскиот зеленчук: малиџано, лутика, руска салата, но и специјалитети што ги подготвувала баба и, ги има на нејзината трпеза.

„Најстар рецепт што го знам од мојата баба е полнет модар патлиџан во вински оцет. Ова салата е стара над 150 години, а јас ја правам секоја година.Се подготвува брзо, многу е здрава бидејќи нема зејтин и нема пржење, а притоа е многу вкусна и освежителна во зимскиот период кога се јаде мрсна храна, - вели Пановска.

  За подготовка на овој специјалитет потребни се ситни модри патлиџани не подолги од 10 сантиметри, оние кои се берат на крајот на сезоната. Патлиџаните не се лупат и се варат во солена вода од 5 до 7 минути, не подолго, бидејќи се многу млади и можат да се распаднат. Кога ќе омекнат се вадат и се оставаат да се оладат и да се исцедат. Потоа се сечат на три-четири места по должина на патлиџанот и шуплината се полни со смеса од лук, магданос, толчени ореви и сол. Потоа патлиџанот се витка со тенки лентички од стеблото на целер и така се реди во тегла, а некогаш се ставале во мали порцелански врчви.На крај се посипуваат со вински оцет и по две недели е готова за јадење. Кога се служи не се сечат туку се сервира по цело патлиџанче. Бидејќи се многу млади и немаат семки целерот и филот на модриот патлиџан му дава посебен вкус.

  За разлика од постарите, кои сеуште не се откажуваат од традицијата, младите кумановки се почесто зимницата ја купуваат или нарачуваат некој да им ја направи. Не сакаат да го трошат времето на печење и лупење пиперки, но и велат дека свеж зеленчук има во текот на цела зима. Специјалитетите од пиперки ги наоѓаат на менито во сите кумановски ресторани и кафеани. Најпознато е кумановско кл`чано кое се подготвува од печени пиперки со лук и со црвен или зелен патлиџан, но и варени суви пиперки со компир, кромид или праз.

„Во Куманово нема каков специјалитет нема од пиперки. Од кл`чано и похувани пиперки до торта од пиперки. Солената торта се прави од големите пиперки за ајвар. Се печат и се лупат, па се редат во тавче. Врз нив се става фил од павлака и малку мајонез, па шунка и кашкавал. Потоа целата постапка се повторува неколку пати и се пече. За разлика од ова јадење кое бара повеќе време, интересна е и многу актуелна е салата од ајвар, во која се става малку мајонез, сирење и мелени оравчиња. Многу е вкусна и брзо се спрема, во секое време може да се направи ако ненадејно ви дојдат гости, - објаснува Добрила.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk