Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Куманово утре од 5 до 8 часот ќе се спроведе првото авионско прскање против возрасна форма на комарци оваа сезона.
Прскањето ќе биде по течение на реките Кумановка, Липковка и Којнарка, месните заедници Бабин Дол и Тоде Мендол, централното градско подрачје и прочистителната станица ЈП „Водовод“ во с. Доброшане.
„Прскањето ќе се врши со биоцидниот производ ‘кулфак 50 ЕЦ‘. Се известуваат пчеларите да превземат соодветни мерки за заштита на пчелите. Доколку временските услови се неповолни, прскањето се одложува за нареден ден“, стои во информацијата од Општина Куманово.
Пред петнаесетина дена беше спроведена првата дезинсекција од земја за уништување на ларви од комарци и крлежи, а неколку дена потоа и третмани за дезинсекција и дератизација од земја, против бубашваби и глувци.
Општина Куманово за оваа година одвои 2,3 милиони денари (околу 37.000 евра) за заштита од инсекти и глодари.
„За авиотретирање предвидени се 1.692.000 денари без ДДВ за три прскања, додека за дезинсекција, дезинфекција и дератизација вредноста на договорот е 675.000 денари без ДДВ, а бројот на третмани ќе биде дополнително утврден“, велат од Општината.
За авионско прскање е ангажирана фирмата „Бониер“, додека услугите од земја ги пружа „Плант медика“, двете од Куманово.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk