Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пописот на населението и домаќинствата во Кумановскиот регион, во кој спаѓаат општините Куманово и Старо Нагоричане се одвива непречено, комплетирани се сите потребни учесници во процесот, регионални инструктори и попишувачи, и нема проблеми во однос на здравствената состојба, кажа директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, при денешната посета на Регионалната пописна комисија во Куманово.
„Куманово секогаш имаше повеќе кандидати од тоа што баравме од старт и се што се бараше беше пополнето. Имаме добар прием кај населението, немаме информација за некакви одбивања, се надевам дека така ќе остане и до крајот “, изјави Симовски.
Тој додаде дека од сабајле системот бил во прекин за да се рестартира и да се ажурира тоа што вчера е сработено, по што е продолжен пописот. До 11 часот биле попишани околу 150.000 граѓани.
За вчерашниот технички проблем најдено е решение, како што кажа Симовски, за што постои цела екипа која што е подготвена да интервенира во случај на такви проблеми.
Попишувачите ќе добијат адреси каде што има заболени од коронавирус за да не одат кај нив и да се договорат кога им завршува изолацијата или да се договорат да го извршат пописот согласно здравствените протоколи.
Досега нема изречено казна за некој што одбил да се попише.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk