Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жителите на општината Старо Нагоричане добија нов пат и спортско игралиште.
На свеченото пуштање присуствуваше и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која ја пресече лентата со градоначалникот Милован Стојковски.
Се работи за пат долг 1,3 км кој ги поврзува центарот на селото Младо Нагоричане и маалото Черкезовци. Патот е изграден со 8,5 милиони денари, пари од Светска банка. Вториот проект е повеќенаменско спортско игралиште во основното училиште “Христијан Т.Карпош“ во село Драгоманце. Изградено е со 8,5 милиони денари пари од Агенцијата за млади и спорт и ќе им користи на стотина ученици.
“Ова се проекти од програмата на Владата на Република Македонија кои произлегоа од реалните потреби и барања на граѓаните. Токму затоа направивме напор, да ја заокружиме финансиската конструкција за патот преку проектот за кој е обезбедено финансирање преку Светската банка. Спортот не е и не треба да биде ексклузивитет само на големите урбани центри, туку подеднаква можност треба да му се пружи на секого без разлика каде живее“ - вели Јанкулоска.
Градоначалникот на општина Старо Нагоричане, Милован Стојковски, додаде дека со овој проект, учениците имаат соодветни спортски терени, а во Младо Нагоричане уште ќе инвестираат во инфраструктурата.
“Проектот е од 2011, но дојде до реализација во 2014 година. Младо Нагоричане е едно од понаселените места во општината со 1200 жители, со околу 36 маала. Ќе гледаме во таа насока да го цивилизираме опкружувањето. Младо Нагоричане има територија од 6-7 км, така што полека работиме, имаме 9 проекти за патишта од кои има и за Младо Нагоричане“ - кажа Стојковски.
Овие два проекти се пуштени во употреба во чест на Денот на општина Старо Нагоричане.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk