Во петок „Генералка викенд“ во Куманово

06.05.2021 10:35 | KumanovoNews

Голема акција за пролетно чистење наречена „Генералка викенд“ ќе биде спроведена на 7 мај (петок) во општина Куманово, во рамките на проектот „Зелена сончева“, кој го спроведува Man and Mountain LLC од Австрија.

Во петок „Генералка викенд“ во Куманово

Во организацијата на акцијата е вклучена и локалната самоуправа, Секторот за комунални работи, инфраструктура, сообраќај и заштита на животната средина, ЈП„Чистота и зеленило“, припадници на АРМ и НВО„Кумановски акцијаши“.

„Во акцијата сме здружени и со ПАКОМАК, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделие и шумарство, 9 општини, училишта и локални поддржувачи, професионални и аматерски спортски клубови и Делегацијата на Европската Унија со една цел: викендот да ни биде #За чисто како дома исто“, велат Гордана Манасијеска и Ханес Јаецкл од Man and Mountain .

Акцијата ќе се спроведе  на локација кај Градскиот кеј, а собраниот отпад ќе се складира во поставени станици  на „Пакомак“. Истовремено, ќе се чисти и депонијата кај маркетот „Туш“  со механизаицја и со помош на АРМ.

За секои собрани 10 килограми отпад ќе биде обезбедена по една садница и ќе се засади по едно дрво, а монументалната шума ќе биде наречена „Сончева гора“.

Во акцијата можат да се вклучат сите граѓани, а целта  е ре-обнова на земјата со отстранување на отпадот од минатото и создавање еколошки одржлива иднина.

 „Ќе ја мериме тежината на собраниот отпад и врз основа на овие бројки, ќе објавиме графикони засновани на соодносот „СОБИРА-ОТПАД-ПЕР-КАПИТА“. Потоа  ќе ја објавиме „Општината на годината со најмногу совесни граѓани за животната средина“, велат од Man and Mountain.

На 7, 8 и 9 мај, акцијата „Генералка викенд“, освен во Куманово,  ќе биде спроведена и во општините Крушево, Охрид, Дебар, Демир Капија, Гевгелија, Крива Паланка, Струмица и Велес.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk