Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Меѓународниот ден на старите лица денеска беше одбележан во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово. Волонтери на Црвениот крст ги посетија корисниците на установата и се дружеа со нив.
Директорот, Александар Крстевски, вели дека на овој ден главно со невладините организации одржуваат културни и спортски активности, со единствена цел да ги збогатат содржините за највозрасните сограѓани.
„Нашата обврска е секојдневно да создаваме подобри услови за сите кои се сместени тука. Со постојаното залагање на сите наши вработени, благодарение на нивната посветеност, човечност и трпеливост, успеваме во тоа. Но, секогаш е добредојдена секаква помош. Затоа упатувам апел до сите наши сограѓани кои немаат толку обврски и имаат слободно време, а сакаат да помогнат и да посветат поголемо внимание на старите лица, да дојдат и да ни се приклучат, заедно да организираме настани кои ќе им го разубават секојдневието“, рече директорот Крстевски.

Искуствата од другите држави покажуваат дека во старските домови се вклучуваат повозрасни волонтери кои целиот професионален живот го поминале во дејности кои се дефицитарни во установите, како воспитувачи, медицински лица, лекари, психолози, педагози, физиотерапевти и др., кои сакаат да помогнат. Во кумановскиот дом велат дека се расположени за таква соработка и доколку има интерес со задоволство ќе ја прифатат.
Од наредната недела ќе започнат активности во кои ќе бидат вклучени ученици од средните училишта, како што се активности од областа на здравствената заштита, услужните дејности и културната програма, се заради подигање на квалитетот на услугите и на животот на старите лица.
2008 - 2026 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk