Вода ги подкопува зградите над СУ-МА

13.02.2014 11:58 | KumanovoNews

Засолништата на највисоките згради во Куманово, со години пливаат во подземни води, а станарите се немоќни се справат со проблемот, зашто не се знае кој е сопственик

Вода ги подкопува зградите над СУ-МА

Највисоките згради во Куманово, шеснаесеткатницата и единасетокатницата над СУ-МА, ги поткопува вода. Темелите на зградите и засолништето со години пливаат во подземни води, а станарите се немоќни се справат со проблемот. Нивото на водата постојано се зголемува и веќе е излеана на скалите во зградата.

Во скривницата има околу 1 метар вода која е невозможно да се исцрпе. Ние повеќе пати викавме пожарно возило и за цел ден работа на пумпите, нивото на водата падна само за неколку сантиметри и потоа пак се врати. Се плашиме дека темелите на зградите можат да попуштат бидејќи се создава ерозија на бетонот, - вели станарот Мишо Денковиќ.

Проблемот со подземните води се интензивирал пред десетина години откако засолништето останало без сопстевеник и одржување. Со текот на времето  попуштила изолацијата и водата почнала да навлегува во подземните простории. Станарите повеќе не можат да ги користат ни подрумите, а има и опасност од појава на заразни болести. Тие решението го гледаат само во откупување на скривницата и нејзино санирање.

Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека засолништата треба да ги одржуваат нивните сопственици, односно станарите, куќните совети или јавното претпријатие за стопанисување на стамбен и деловен простор, а тие се надлежни да ги контролираат во каква состојба се наоѓаат.

Во овој случај ние треба да ги казниме тие што не го одржуваат засолништето, а не се знае кој е сопственик. Станарите ќе мора прво да ги решат имотно-правните односи и потоа да го преземат одржувањето на засолништето. Истиот проблем со сопственоста го имаат и другите стамбени згради во Куманово кои се градени во времето на социјализам, кога засолништата биле општествени а станарите имале само право на користење. Во поновите згради тие се на станарите и самите ги одржуваат,- велат од Дирекцијата.

 

Од таму додаваат дека ќе помогнат да се извлече водата, но тврадат дека тоа е краткорочно решение, бидејќи градот лежи на подземни води и тие брзо ќе се вратат. Дирекцијата за заштита и спасување Куманово одржуваат само две јавни засолништа кои припаѓаат на државата.

Нерешената сопственост со засолништата не е проблем само во Куманово туку во целата држава.

                                                                                              (Вест)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk