Може да се пие водата од градскиот водовод во Куманово, потврди АХВ

29.05.2024 17:49 | KumanovoNews

Водата од градскиот водовод во Куманово е безбедна за пиење покажале анализите во Центарот за јавно здравје Куманово, а потврди и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). По една недела граѓаните ќе можат да ја користат водата во секојдневна употреба без ограничување.

Може да се пие водата од градскиот водовод во Куманово, потврди АХВ

Соопштение до граѓаните на Куманово за состојбата со водата упати и Општински штаб за заштита и спасување. 

„Ги известуваме граѓаните дека водата во целиот водоснабдителен систем е исправна и може да се користи и како вода за пиење. По извршениот инспекциски контролен надзор и по добиените резултати од Центарот за јавно здравје Куманово од испитаните примероци на вода од 25, 26 и 27 мај годинава, констатирано е дека тие одговараат на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри. Согласно Правилникот за безбедност на водата за пиење, издаденото Решение за забрана на водата за пиење е укинато“, соопштува  Општинскиот штаб.

  Од ЈП „Водовод“ велат дека водоснабдувањето ќе се нормализира во наредните неколку часа и во високите зони, каде што во изминатите денови имаше проблеми со техничката вода.

Куманово остана без вода за пиење по минатонеделното невреме проследено со пороен дожд и град во Липковско, по што се замати водата во акумулациите Липково и Глажња, од каде што Куманово и Липково се снабдуваат со вода за пиење.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk