Водата во бунарот жешка 87 степени?!

17.02.2015 10:01 | KumanovoNews

Топлата вода, која се појави во бунарот на семејството Давитковски во Черкеско село е со температура од 87 степени. 

Водата во бунарот жешка 87 степени?!

Од Центарот за јавно здравје Куманово велат дека анализите на водата се делумно завршени, при што е утврдено дека има зголемено присуство на нитрати. Како се појавила водата во бунарот, треба да утврдат хидролозите.

“ Топлината не доаѓа од составот на водата. Има зголемено присуство на нитрати и калиум перманганати, а ги чекаме анализите за тешки метали.  Топлата вода најверојатно доаѓа од земјиштето, по некоја пукнатина и тоа само хидрогеолозите можат да го кажат. Мора да се направат темелни анализи, бидејќи вака на памет ништо не можеме да кажеме. “- изјави Мимоза Величковски, од Центарот за јавно здравје Куманово.

Сопственикот на бунарот, Стојан Давитков вели дека водата има температура од 87 степени и веќе не можат да ја користат за пиење.  Откако излезе информацијата во јавноста, граѓаните доаѓаат кај нив за да го видат бунарот со топла вода и  оставаат пари, верувајќи дека се работи за божјо чудо.

“Водата е чиста како солза, но не ја користиме за пиење. На луѓето им е чудно и веруваат во божја сила. Доаѓаат, оставаат пари, а ние не можеме да ги вратиме. Таа вода ја користиме 40 години и не сме имале проблеми. Од празникот свети Јован наваму стана топла. Толку е топла што кофа внатре не можеме да ставиме“ - кажа Давитков.

Вториот дел од резултатите ќе бидат готови утре, потврдија од Центарот за јавно здравје и тие ќе дадат подетална слика за составот на водата.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk