Водостојот на Пчиња значително намален, Крива Река уште критична

13.01.2021 10:33 | KumanovoNews

 Состојбата со водостојот во реките Пчиња и Крива Река се стабилизира, откако претходните денови поради обилни дождови дојде до нивно излевање.

Водостојот на Пчиња значително намален, Крива Река уште критична

Водостојот на реката Пчиња значително е намален, додека пак за Крива река се очекува нивото на водата да опадне во попладневните часови.

Екипите на АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“ во моментот интервенираат помеѓу селата Довезенце и Јанчинце, а по спуштање на нивото на реките ќе се префрлат и на расчистување на наносите.

„Нивото на реката Пчиња почна да опаѓа и тоа повеќе отколку кај Крива Река. За Крива Река очекуваме денеска во попладневните часови да опадне нивото на водата и повеќе ќе немаме кризна состојба во тој регион. Инаку екипите на Водостопанство моментално се во пределот помеѓу Довезенце и Јанчинце и таму ќе останат уште некое време, а потоа по спуштање на нивото на реките ќе интервенираме секаде каде што ќе има наноси на дрвја и на шут“, рече Оливер Илиевски, директорот на АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“.

Излевањето на реките предизвика поплавување на земјоделско земјиште кое во најголем дел е необработливо, како и на мал дел на обработливо земјиште помеѓу селата Довезенце, Јачинце и Клечовце, поплавени беа и две викендички, на кои не им е предизвикана голема материјална штета.

Екипите на Водостопанство на терен се излезени уште минатата среда, а најголем дел се задржаа околу мостовите на Крива Река и Пчиња.

Излевањето на реките беше предизвикано од обилните врнежи на дожд во Република Србија, кои нај нас надојдоа преку реката Пчиња и од Кривопаланечкиот регион каде со денови дождовите не престануваа, кои предизвикаа дури и излевање на речното корито во самиот град.

(Ф.М.)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk