„Водостопанство“ го исчисти сметот околу браните Липково и Глажња

14.11.2024 17:32 | Оливера Пешевска

Вработените во „Водостопанство – Кумановско-Липковско Пoле“ го исчистија сметот покрај браните Липково и Глажња, од каде Куманово се снабдува со вода за пиење.

 

„Водостопанство“ го исчисти сметот околу браните Липково и Глажња

Според годишниот програм и план на претпријатието браните се чистат на определени временски интервали, на секои 2 до 3 месеци.

„Четири до пет пати годишно нашите служби го собираат насобраниот смет на браната Липково, а план беше да се заврши акцијата деновиве, пред да се влошат временските услови. Езерата се на повисока надморска височина, па во зимскиот период може да има и наноси на снег, затоа секогаш некаде до 20 ноември завршуваме со тие активности“, истакна техничкиот директор Оливер Тодоровски, раководител на Секторот за експлоатација.

Вработените собрале поголема количина на пластична амбалажа,  а во акцијата отстрането е и едно склонопадно дрво. 

Сметот главно се таложи веднаш до браните, нанесен од водата, како и од езерото, така и од она која се слева од повисоките точки за време на врнежи од дожд. Го создаваат несовесни граѓани.

„Излетници, планинари, рекреативци кои доаѓаат да се надишат свеж воздух и одморат во природа ги фрлаат шишињата, кесите и остантиот смет. А и рибарите, тука ги чистат рибите и оставаат ѓубре зад себе“, објаснува Тодоровски.

Во пролетното чистење и немаат толку работа, затоа што во студените есенски и зимски денови има многу помалку посетители. Но, од март, април па до ноември се случувало да соберат и многу поголеми количини расфрлан смет.

Двете вештачки езера се наоѓаат на територијата на Општина Липково во сопственост се на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и на Министерството за економија, а со нив стопанисува „Водостопанство – Кумановско-липковско поле“, кое е задолжено и за одржување на езерата и просторот околу нив.

На езерото Липково има изградено и неколку ресторани, со пространи тераси, кои се особено прометни во текот на летото. Езерата се користат и за капење во текот на жештините, како и од рекреативни рибари.

Од акумулациите Липково и Глажња со вода за пиење се снабдуваат општините Куманово и Липково.

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk