Воена вежба ги исплаши граѓаните

06.12.2011 12:45 | KumanovoNews

 Граѓаните на Куманово, денеска околу пладне можеа да слушнат поединечни и рафални истрели од огнено оружје, кои доаѓаа од периферијата на градот.

Воена вежба ги исплаши граѓаните

Вознемирени, бидејќи не знаеле за што се работи, граѓаните побарале објаснување од полицијата.

Кога започна пукањето мислев дека е ганстерска пресметка, бидејќи јасно се слушаа истрели од автоматско оружје, а потоа и од пиштол. Но пукањето не престануваше и помислив дека нешто големо се случува. Се јавив во полиција, и ми кажаа дека во една од касарните најверојатно има вежба- вели еден граѓанин кој се јави во нашата редакција.

 Од СВР Куманово потврдија дека повеќе исплашени граѓани го пријавиле пукањето, на кои тие им објасниле дека се работи за воена вежба. Кај нив не било пријавено дека ќе има таква активност, па не знаеа точно од која касарна се пука.

Од Министерството за одбрана ни рекоа дека станува збор за редовна воена вежба, која се одвивала на полигонот во касарната „Боро Менков„. За активноста биле известени МВР и Центарот за управување со кризи. Од таму посочија дека воените вежби на единиците на АРМ е редовна активност, и затоа граѓаните не треба да се плашат и вознемируваат од истрелите што се слушаат во градот.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk