Возачот што го прегази Алмир на распит кај јавен обвинител

13.10.2016 09:05 | KumanovoNews

Осомничените Б.И. (30) и Б.И. (23) во случајот за прегазување на четиригодишниот Алмир Алиу пред Здравствениот дом, вчера беа на распит кај јавен обвинител во Куманово.

Возачот што го прегази Алмир на распит кај јавен обвинител

Двајцата дале исказ пред обвинителот и го опишaле настанот што се случил критичната вечер. Од обвинителството и нивниот адвокат не сакаа да дадат информации од распитот во интерес на истрагата. На јавниот обвинител му останува да ги собере сите докази во истрагата и да одлучи дали ќе покрене обвинение.

Во Основниот суд Куманово, Б.И. (30) беше донесен под силно полициско обезбедување од притвор во Шутка, додека Б.И. (23) се брани од слобода.

Инциденот се случи на 25 јуни годинава околу 22.30 часот, кога по банална расправија и физичка пресметка на роднини од две семејства, детето беше удрено со автомобил. Една недела се бореше за живот на апарати на една од скопските клиники, по што им подлегна на повредите.

Смртта на Алмир предизвика револт кај граѓаните на Куманово, а беше организиран и протест.  Двете семејства тогаш повикаа нивната трагедија да не се користи за политичка и етничка пресметка, туку да се остави правосудните органи да си ја завршат работата и да го казнат виновникот.

Кумановската полиција тогаш поднесе кривична пријава против пет лица под сомнение дека се вмешани во инциденот. Покрај возачот Б.И. (30), пријави за насилство заработи неговиот брат Б.И. (23), како и три лица од спротивната група С.А. (36), С.Д. (36) и А.А. (32) сите од Куманово.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk