Вработените не се деградирани, нема притисоци и закани кон никого, вели Димитриевски

13.11.2021 17:58 | Сузана Николиќ

Целосно ги демантирам и отфрлам обвинувањата кои денеска на прес-конференција ги изнесе претседателот на СДСМ Куманово Мартин Костовски, за наводно спроведен класичен политички реваншизам во Општина Куманово кон вработените кои се членови на СДСМ, преку уцени, заплашувања, закани, притисоци и деградирања, одговори на денешните обвинувања градоначалникот Максим Димитиевски во соопштение до медиумите.

Вработените не се деградирани, нема притисоци и закани кон никого, вели Димитриевски

 Тој тврди дека не е точно дека во Општина Куманово се преместени дваесетина службеници на пониски работни позиции, а уште помалку дека некој на вработените им вршел притисок.

„Не се точни ниту тврдењата во однос на бројот на доставени решенија. Станува збор за девет решенија, а овој процес на реорганизација на општинската администрација што е целосно согласно законот, која ќе продолжи и во иднина, сѐ со цел максимално да се подобри работата на институцијата, која претставува сервис на граѓаните. Ги повикувам сите службеници доколку некој им вршел партиски или каков било друг вид на притисок, веднаш да го пријават до државните органи“, соопштуваат од кабинетот на Димитриевски.

Во соопштението се наведува дека решенија од градоначалникот, се резултат на тековно функционирање на институцијата и целосно почитување на заклучоците на ревизорскиот извештај од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР), во кој јасно е укажано дека е потребно да се повлечат овластувањата дадени на лица, кои што работат на други работни места, а не согласно решенијата кои ги имаат добиено за работа, врз основа на актот за систематизација.

„Ниту еден административен службеник не е деградиран, туку напротив, се прави прераспределба по хоризонтала, што е целосно согласно Законот за административните службеници, а е со цел да се реализираат дури и спроведените унапредувања на службеници, а не уназадувања“.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk