Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Денеска ќе бидат исплатени платите на вработените во сите основни училишта во Куманово за месец декември за минатата година, соопштуваат од Секторот за финансии во Општина Куманово. На вработените во средните училишта личните доходи биле исплатени навреме.
„Плата нема. Претходната беше на 18 декември, а во меѓувреме славевме родендени, Св. Никола, Нова година, Бадник, Божиќ, Стара Нова година, Богојавление, Св. Јован и уште живееме од неа. Тоа само просветарите го можат. И го почнавме второто полугодие со полно срце, ама празни џебови“, напиша една просветна работничка.
По многуте прозивки на наставниците одговорните се оградуваат и категорично тврдат дека вината за доцнењето не е во општинските служби.
„Првин училишните служби задоцнија со доставување на списокот на вработени, ги добивме и истиот ден, на 12 јануари ги испративме до Министерството за образование и наука. Министерството, пак, на сметката префрли 64 илјади денари помалку од побарувањето што го блокираше целиот процес. Но, веќе се разрешува ситуацијата и денеска ќе бидат префрлени средствата на трансакциските сметки на вработените во образование“, објасни Ирена Илиевска, раководителка на Секторот за финасии.
Таа вели дека средствата се исплаќаат на посебна наменска сметка и најостро се отфрлаат шпекулациите дека општината ги користи средствата за свои намени. Со започнување на редовна работа во второто полугодие се надеваат дека ваквите пропусти нема да се повторуваат и дека исплатата кон просветните работници и останатиот персонал ќе течат тековно.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk