„Вук Караџиќ“ слави 70 години постоење

06.05.2015 10:55 | KumanovoNews

Основното училиште „Вук Караџиќ“ денеска слави 70 години постоење и успешна работа.

„Вук Караџиќ“ слави 70 години постоење

По тој повод последниве три дена се организираат низа културни и спортски активности за прослава на патрониот празник. Се одржа свечена седница на која беше направена ретроспектива за работата на училиштето од неговите почетоци до денес.

Пред 70 години било училиште на српски наставен јазик, се викало Српска народна школа. Имало четири паралелки, а потоа низ годините бројот на ученици растел и имало по пет паралелки од сите години, односно околу 40 паралелки. Во последниве години бројот на ученици опаѓа за жал, и се надеваме дека во наредните години ќе расте. Ние сме оптимисти во тој поглед, дека уште долги години ќе опстојува училиштето на овие простори. Српскиот јазик го негуваме во рамки на драмска и литературна секција - рече Надица Петровска, директорка на “Вук Караџиќ“.

Во спортската сала на училиштето имаше повеќе штандови, каде  беше презентирана македонската национална кујна.

Беа ангажирани деца од 6 и 7 одделение. Беа многу креативни и сами подготвуваа јадења во соработка со родителите. Од штандот се гледа колку вложиле труд. Има тавче гравче, качамак, татлија, погача, ајвар, проја, овошна салата од нашите овошја - вели Зорица Китановска, одговорна за дел од проектот за национална кујна.

Во 18 часот денеска учениците имаат приредба за патронатот, на која ќе присуствуваат родители, наставници и гости. Во “Вук Караџиќ“ се образуваат околу 200 ученици.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk