Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Одделенската наставничка Хилда Димитриевска од Основното училиште „Крсте Мисирков“ од Куманово, е избрана меѓу најдобрите просветни работници во Македонија за учебната 2020/21 година.
Таа е добитник на признанието за конкретни достигнувања во воспитно-образовниот процес, кое го доделува Сојузот на просветни работници и Министерството за образование и наука, по повод Светскиот ден на учителите и наставниците - 5-ти Октомври. Признанието го добива како резултат на професионалните референци за учество на едукативни семинари и добиени сертификати и дисеминации во основно образование. за учебната 2020/2021 година.
Димитриевска е една од двете учителки на кои им е доделена плакета за конкретни достигнувања и придонес во унапредувањето на воспитно-образовната дејност на работното место во основно образование-одделенска настава.
„Голема чест и задоволство ми причинува ова признание што го добив за учество на едукативни семинари и дисеминации во основно образование-одделенска настава за учебната 2020/2021 година и тоа по повод Денот на учителот-име кое со гордост го носам, затоа што професијата учител е професија која ги создава темелите на сите други професии. Благодарна сум на Сојузот на просветни работници кој го цени и вреднува трудот на наставникот, како и на МОН и министерката Мила Царовска“, вели Димитриевска.
Наградената учителка додава дека просветните работници и во услови на пандемија покажаа колку се посветени и со многу труд, залагање, желба и истрајност успеаја да го одржат континуитетот на наставата, соодветно на можностите и потребите на учениците.
„Затоа ова признание ќе ми биде мотив и поттик за уште поголеми залагања и вложувања кон унапредување на воспитно-образовната дејност, се со цел поквалитетно образование кое несомнено трпи големи промени не само кај нас, туку и во светот. Воедно се надевам дека наставникот ќе биде соодветно вреднуван и ценет, бидејќи тоа го заслужува“, истакна Димитриевска.
Хилда Димитриевска е дипломиран педагог со 25 годишно искуство, посветена на работата, ангажирана и вклучена во разни активности, работилници, меѓународни проекти, семинари и дисеминации од областа на образованието. Активно учествува на голем број конференции, собири, семинари и изработка на проектни активности лично или со своите ученици. За успехот и работата на Димитриевска говорат наградите и успехот на нејзините ученици, кои се добитници на награди на училишни, општински, регионални и меѓународни натпревари.
На доделувањето на признанијата на најдобрите просветни работници министерката Царовска истакна дека наставниците одржаа лекција на целата наша заедница – колку се значаен општествен чинител, но со години маргинализиран и воопшто неценет.
„И тоа ми е уште поголем мотив како министерка за образование и наука да продолжам да се борам за унапредување на достоинството на професијата наставник и секој што одбрал да биде учител на нашите деца, да го добие местото кое го заслужува“, кажа Царовска
.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk