Хуманитарен базар во „Христијан Карпош“ по повод Денот на градот

07.11.2023 20:14 | Оливера Пешевска

Празничен базар со хуманитарен карактер беше организиран денеска во ООУ „Христијан Карпош“ во населбата Перо Чичо во Куманово, во пресрет на 11 Ноември-Денот на ослободување на Куманово. Базарот имаше продажен карактер на ракотворби создадени од учениците и наставниот кадар, а средствата се наменети за организацијата „Отворете ги прозорците“.

Хуманитарен базар во „Христијан Карпош“ по повод  Денот на градот

Во акцијата се вклучени сите одделенија од основното училиште, а изработени се сувенири, според возраста и можностите на децата.

„Главно се работи за пакувања за чоколади, магнети, моливчиња-сувенири посветени на Куманово кои се рачна изработка на нашите ученици, а работени под мотото „Куманово во срцето“, кои се продаваа по симболична цена. На ваков практичен начин сакавме да го одбележиме Денот на градот, но да дадеме и хуманитарна нота на настанот во соработка со организацијата „Отворете ги прозорците“, истакна Дејан Младеновски,професор по географија во училиштето.

Присутните можеа да го слушнат и училишниот хор како и да ја проследат ликовната изложба со дела од учениците кои се посветени на градот Куманово. На хуманитарниот базар учествува и учениците со посебни образовни потреби заедно со своите образовни асистенти.

Организатор на хуманитарниот базар е ООУ "Христијан Карпош" Куманово во рамки на проектот "Инклузија на ученици со посебни образовни потреби" поддржан од страна на Детската фондација "Песталоци" и Здружение за асистивна технологија "Отворете ги прозорците" Скопје. Целта е да се соберат средства за опремување на ресурсна соба во училиштето.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk