За мене успехот не е дестинација, туку патување, вели авторот на книгата „На своја кожа, продолжи со насмевка“

17.09.2019 09:24 | KumanovoNews

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, синоќа пред кумановската публика беше промовирана книгата „На своја кожа, продолжи со насмевка“ од Мирослав Драганов.

За мене успехот не е дестинација, туку патување, вели авторот на книгата „На своја кожа, продолжи со насмевка“

Насловот на книгата е симболичен, со цел да се укаже дека не треба да се остане само со насмевката од детството, туку дека треба „да се продолжи со насмевката“ низ текот на целиот живот.

Книгата е напишана на креативен, иновативен и интересен начин: авторското жанровско поигрување со автобиографијата и мотивацискиот дел, всушност ја прави поинтерактивна и попристапна за читателите.

„Инспирацијата за пишување на оваа книга лежи во моето животно патешествие, кое ме доведува до тоа да бидам правник кој се бори за правдата и гласноговорник кој сака тоа да го пренесе и да биде слушнат. За да се справиш со неправдата мора да пробиеш пат кој не е истапкан до сега, зашто најчесто истапканите патишта нема ништо ново да те научат и да ти влеат надеж за борба. Не треба да се водиш според тоа, како општеството сака да изгледаш, туку според тоа каков сакаш да си ти самиот. За мене успехот не е дестинација, туку патување, -  вели Мирослав Драганов за Кумановоњус.

Понекогаш, работите не доаѓаат во мигот кога ние ги посакуваме, туку кога ни се најпотребни; Правете го она што го сакате и воедно, водете се исклучиво од внатрепшниот мир,- се само дел од пораките кои ги носи оваа книга.

Драганов, како што и самиот вели, како светски патник, кој постојано гледа различости, на кумановците им препорача да си ги сакаат различностите и тоа да им биде меѓусебен поттик за личен развој и самосвест. И да го искористат нивниот пример за да мотивираат и други луѓе околу нив.

Книгата на Мирослав Драганов е во издание на издавачка куќа „Матица“, а ова е негова шеста промоција на книгата.

(Фросина Марковска)

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk