За реконструкција на мостот во Пчиња Општина Куманово ќе аплицира за средства од унгарскиот кредит

11.04.2025 09:00 | KumanovoNews

Општина Куманово ќе аплицира за средства од унгарскиот кредит за реконструкцијата на мостот на реката Пчиња, во истоименото село.

За реконструкција на мостот во Пчиња Општина Куманово ќе аплицира за средства од унгарскиот кредит

Проектната документација е изработена од фирмата „Геинг“ од Скопје, а рокот за аплицирање е до крајот на април.

„Ќе се работи на реконструкција и проширување со зајакнување на мостот, но не сум точно сигурна за која ширина е проектиран и колку би требало да чини овој проект, согласно пресметката. Ќе аплицираме на сите проекти за кои веќе е информирана јавноста, поточно за 11 проекти“, информираше Лидија Ланг Спасовска, раководителка на Сектор за комунални работи.

За состојбата со мостот во Пчиња во неколку наврати апелираат стручни служби, како и органи на државната управа кои кажаа дека не е безбеден и треба што побргу да се реконструира. 

Жителите на селото во повеќе наврати апелираа да се преземат мерки за поправка на мостот, кој освен што е главна артерија на селото, претставува сериозна опсаност за сите жители, посебно за децата кои секојдневно го минуваат на пат кон училиштето. Локалната самоуправа се бранеше дека нема доволно средства за спроведување на еден таков проект самостојно, а нагласуваше дека мостот е дел од регионален пат кој води кон скопско Коњаре.

Проблемот со мостот на реката Пчиња е присутен повеќе од 10 години, откако во поплавата во 2013 година е оштетен од надојдените води.  Мостот е изграден во седумдесетите години на минатиот век од тогашната ЈНА, и досега не е поправан. 

 

 

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk