За влез во Кокино од 30 до 120 денари

03.08.2016 09:04 | KumanovoNews

Од понеделник започна наплата на влезница за влез во мегалитската опсерваторија Кокино, по одлуката на Кумановскиот музеј за воведување систем за наплата на билети и ангажирање на лиценцирани туристички водичи за разгледување на локалитетот.

За влез во Кокино од 30 до 120 денари

Влезниците чинат од 30 денари за деца од 5 до 15 години, 60 денари за домашни гости и 120 денари за странци, ќе се продаваат кај стражарската служба на самиот локалитет, а за групни ексурзии преку жиро сметка на музејот.

„Туристите ќе добијат водич и комплетна приказна за Кокино од самиот влез на локалитетот до врвот, односно до тронот. Обиколката ќе трае околу 2 часа. Наплатата за посета е дел од проектот за самофинасирање и самоодржливост, кој треба да обезбеди редовни приходи за подобро функционирање на локалитетот“, вели Анита Цветановска, директорка на Кумановскиот музеј.

Измените околу менаџирањето со Кокино се поддржани и реализирани преку проектот на УСАИД за експанзија на мали и средни бизниси заради подобрување на туристичката понуда на североисточниот регион, финсиран од швајцарската влада. Преку проектот беа поставени нови патокази, информативни табли, заштитна ограда за камените тронови на локалитетот, мобилна апликација за аудио водење и нова официјална веб страна на Кокино (www.kokino.mk).

Музејот најави дека деновиве ќе постави табла со ценовникот, а планирани се тоалети и ограда на локалитетот.

Министервото за култура со години најавува изградба на патот, сувенирница, музеј, ресторан и пристапните патеки, но засега ништо од тоа.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk