Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Или што сакаше да каже писателот
Деновиве на една интересна трибина во Куманово се излуксузирав да говорам на зададената тема.Гледајќи го аудиториумот, помислив дека ќе ме слушаат доволно упатени и информирани луѓе кои ќе сватат „што сака да каже писателот“. Ама веќе утредента разбрав дека сум се излажал. Во кулоарите, а слушам и на социјалните мрежи, се тркала приказна дека Зоран Заев (кој беше централна личност на трибината) сум го нарекол „Лажго “ (со големо З), а грдоначалникот на Куманово „најголем плачко во државата“ ! Оф,мори мајко. Не се скандализирам да е така, ама не е. За тие што на трибините доаѓаат за да позираат, гледаат во говорниците а не ги видат, слушаат а не заушуваат, да појаснам. Почнав да говорам буквално вака, цитирам: ВЕЛАТ ДЕКА ЈАС СУМ ЈАК НА ПЕРОТО, АМА СЛАБ ОРАТОР. ВО СЛАБОТИЈАТА ЗА ГОВОРНИШТВО ПОЧИТУВАНИОТ ЗБУНКО (СО ГОЛЕМО 3) МОЖЕ ВОДА ДА МИ НОСИ. ПАРЕКСЕЛАНС! ЗАТОА ЕВЕ, СИ ЗАПИШАВ ШТО САКАМ ДА ПРАШАМ И ДА КАЖАМ... Го реков ова уверен дека и потпросечен решавач на асоцијации ќе одгатне на кого се однесува реченото. За мислечки и информирани луѓе - доволно. Или требаше уште да речам „РАЗУМЕН КОМПРОМИС Е РАЗУМЕН КОМПРОМИС“. Или „ОБАМА МИ НАМИГНА“, или ?...
Сега за Плачкото. Тука дословно реков: ...НАШИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК, ФИГУРАТИВНО РЕЧЕНО, ВАЖИ ЗА НАЈГОЛЕМ ПЛАЧКО ВО ДРЖАВАВА ПО ПРАШАЊЕТО НАРЕЧЕНО МЕДИУМСКИ МРАК...КАТАДНЕВНО ЕДЕН ЛОКАЛЕН КВАЗИ МЕДИУМ ГО ШИБА СО ПРИЗЕМНА, ВУЛГАРНА АТАКА , А ТОЈ, КУТРИОТ НЕМА КАЈ ДА СЕ ЖАЛИ. ГО ТЕПААТ А НЕ МУ ДАВААТ ДА ПЛАЧЕ... Од целата реченица озборувачите го извлекле само зборот ПЛАЧКО. Како сум можел така, безобразен низаеден! Јас пак велам дека тоа се вика злонамерно вадење од контекст. Инаку,имав намера да го потсетам почитуваниот Циц дека можеше и требаше да има каде да се фали и да се жали ако прифатеше еден од двата проекти за Јавен (општински) информативен медиум понудени од Здружението на граѓани во кое членува и мојата маленкост.Тоа и го елаборирав на трибината. Друга тема е дали и колку има вистина во неговата јавно изречена теза дека во Куманово владее информативен мрак. За тоа другпат. Ете, тоа сакаше да каже писателот.
Со почит, Столе Божиновски
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk