Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче денеска ја промивираа кампањата „За моментите на среќа - Вакцинирај се!“.
Целта на кампањата е да се информираат граѓаните за придобивките од вакцинацијата како начин за лична и колективна здравствена заштита од ковид-19, да се зголеми одговорноста и свесноста кај населението за важноста од вакцинирање, да ги разбие сите митови, невистини и дезинформации поврзани со вакцините и следствено на тоа да ги поттикне граѓаните да се вакцинираат, да се заштитат себеси и блиските и да дадат придонес кон колективното здравје и што побрза стабилизација на состојбата.
„Се наоѓаме во критична фаза наметната од мутациите на вирусот Сарс-Ков 2. Овие мутации, заедно со четвртиот бран во кој се наоѓаме и антиваксерското дезинформирање на населението, недвосмислено ја укажуваат потребата од масовно точно информирање за вакцинирањето. Тоа е пред се наша одговорност. Сите мора да разбереме дека вакцините се единствениот спас од тешки форми на болеста и смртен исход од вирусот. Граѓаните мора да ги имаат точните, проверени, стручни информации за вакцините, за да се поттикнат промени во однесувањето и прифаќањето на масовната вакцинација, како би се запрел прогресот на пандемијата“, истакна премиерот Заев по повод почетокот на кампањата „Вакцинирај се!“.
Премиерот потенцираше дека вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста и се намалува шансата од заболување како и смртен исход од болеста.
Кампањата „Вакцинирај се!“, има за цел и да им го сврти вниманието на граѓаните кон потребата да бидат внимателни кога до нив стигаат информации и вести кои не почиваат на вистина и на факти и во таа насока беа дел од поентите на министерот за здравство Филипче.
„Преку оваа кампања меѓу другото ќе се бориме и против низа дезинформации кои се уште циркулираат и ги збунуваат и заплашуваат граѓаните. Наша цел е како и досега да ја испратиме вистинската информација и да ги разбиеме митовите и невистините околу вакцините. Во ова сакам да ни помогне секој кој смета дека вакцинацијата е единствен излез од пандемијата. Во оваа кампањата ќе побараме поддршка од сите лекари, експерти, јавни личности, локални лидери и авторитети и сите кои сакаат да се вклучат и ја пренесат пораката“, истакна Филипче.
2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk