Заканувачки смс пораки добил градоначалникот на Куманово

25.09.2018 12:53 | KumanovoNews

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, добил закани по смс пораки од свој сограѓани, поради што случајот го пријавил во полиција.

Заканувачки смс пораки добил градоначалникот на Куманово

- Во недела наутро ми беа испратени 2 заканувачки пораки. Не знам кои се мотивите, бидејќи лицето не го познавам, ниту знам дали припаѓа на некоја политичка партија. Оставам на истрагата да утврди за што се работи. Не би сакал да ја откривам содржината на пораките, - изјави градоначалникот Димитриевски.

Заканите му ги упатил Д.С.(34) од Куманово, кој во два навратил по телефон му испратил смс пораки со заканувачка содржина за него и неговиот син. Полицијата го привела Д.С., и против него ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“, казниво по член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Одземени му се мобилен телефон, безбол палка, четири полиетиленски пакувања со наркотична дрога марихуана и една сим картичка.

Исто така, било утврдено дека Д.С. завчера ги скршил стакла на два штаба на политичката партија СДСМ, лоцирани на улица Илинденска и улица „Тоде Мендол“ во Куманово. Тој е сторител на уште две кривични дела „оштетување туѓи предмети“, казниви по член 243 став 2 од Кривичниот законик на Република Македонија.


Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk