Закроено лозјето во „Киро Бурназ“

15.02.2016 10:12 | KumanovoNews

На празникот Свети Трифун вчера беше закроено лозјето во дворот на Земјоделското училиште „Киро Бурназ“.

Закроено лозјето во „Киро Бурназ“

Традиционално во училиштето се одбележува денот на лозарите и се сече славски колач. Лозовиот насад со кој располага училиштето служи за практична настава на учениците.

За нашето училиште ова навистина претставува важен и убав ден, кој постепено од година во година помина во слава на училиштето и навистина ни е убаво кога на овој убав ден се собираат во нашето училиште, не само наставниците и учениците кои секогаш се тука, туку и нашите гости коишто го почитуваат она што ние овде го работиме - изјави директорката Весна Трајковска.

Александар Арсиќ, професор по земјоделска група предмети во „Киро Бурназ“ вели дека закројувањето на лозјето е прва операција за одгледување на грозје и производство на вино.

Започнуваме да го формираме лозовиот насад, да добиеме квалитетен и квантитетен род, а исто така грозјето, листовите и лазарите да можеме да ги распоредиме правилно во редовите, за да можат да добијат потребна количина на светлина, влага, но и квалитетно проветрување - вели тој.

На одбележувањето на Свети Трифун беа присутни професори, ученици, претставници од локалната самоуправа, советници и свештеници од Кумановско-осоговската епархија.

Advertisement

2008 - 2025 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk